Македонското Собрание ќе се распушти во среда
Иницијативата за распуштање во саботата ја поднесе Демократската унија за интеграција (ДУИ) откако не беше исполнето нивното барање за консензуален кандидат за претседател на Република Македонија...

Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски за в среда ја закажа 87-та седница со единствена точка на дневниот ред, предлог-одлуката за распуштање на Собранието. Иницијативата за распуштање во саботата ја поднесе Демократската унија за интеграција (ДУИ) откако не беше исполнето нивното барање за консензуален кандидат за претседател на Република Македонија.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ ја прифати фрлената ракавица од колаицискиот партнер за одржување предвремени парламентарни избори на 27 април, односно на вториот круг од претседателските избори. Лидерот на партијата и премиер Никола Груевски, ставот на ВМРО-ДПМНЕ, го соопшти на Конвенцијата за избор на кандидат за претседател. Опозициските СДСМ и НСДП исто така ја прифатија иницијативата на ДУИ.
Според Уставот, Собранието се распушта ако за тоа се изјаснат мнозинството од вкупниот број пратеници.
Од СДСМ, пак, вчера побараа Владата веднаш да предложи измени на Изборниот законик кој не предвидува решенија за совпаѓање на парламентарните со вториот круг претседателски избори, да се реши проблемот со двата различни рокови за заклучување на избирачкиот список, со почитувањето на роковите за предизборна кампања, како и со медиумското претставување.
