Спасов: Конкретен и системски потфат за вработување на младите

03.03.2014 13:52

Целна група која може да се опфати со оваа мерка се околу 45.000 млади невработени лица до 29 години кои се наоѓаат на евиденција на Агенцијата за вработување, од кои 25.000 се активни баратели на работа и 20.000 пасивни ...

Работодавачите од приватниот сектор кои ќе вработат млади лица до 29 години, евидентирани како невработени во Агенцијата за вработување, ќе бидат ослободени од плаќање социјални придонеси во тек на првата година, истакна денеска министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, на прес конференција на која информираше за законските промени со кои се врши поттикнување на вработувањата на младите лица до 29 годишна возраст во приватниот сектор.

Ова им овозможува на работодавачите од приватниот сектор кои ќе вработат невработени лица до 29 години возраст со полно работно време, да бидат ослободени од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување, односно придонес за пензиско и инвалидско осигурување, придонес за здравствено осигурување и придонес за осигурување во случај на невработеност.

Ослободувањето од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување на месечна основа се однесува до просечна бруто плата за претходната година за период од 12 месеци, сметано од денот на вработувањето на  лицето.

Доколку работодавачот исплати повисока бруто плата од просечната ќе треба да изврши доплата на придонеси од задолжително социјално осигурување само за разликата над просечната бруто плата.

Покрај ослободувањето од социјалните придонеси работодавачот е ослободен и од плаќање на персонален данок на доход за тоа лице, можност за што веќе постои законско решение. Вкупните ослободувања за работодавачите изнесуваат : 27 % по основ на социјалните придонеси и 10% персонален данок на доход, односно ослободување од 37%.

„Обврска на работодавачот е да го задржи лицето На работа дополнителни 12 месеци, по истекот на периодот во којшто е ослободен од плаќање придонеси од  задолжително социјално осигурување“, рече Спасов.

Со законските измени системски се влијае на поттикнување на вработувањето  на младите лица од една страна, а за работодавачите претставува големо олеснување и поддршка затоа што државата им ги намалува трошоците за ангажирање на работен кадар односно ги ослободува од трошоци кои можат да ги задржат и да ги употребат во друга функција за развој на бизнисот.

Спасов нагласи дека периодот од 2006-та година до денес, го одбележа намалувањето на невработеноста која е конкретно изразена преку бројки и проценти. Во овие осум години како резултат на  овие политики се вработени околу 108.000 лица, или ако во 2006 година стапката на невработеност изнесуваше околу 38%, денес таа изнесува 28,7%.