ТРАДИЦИОНАЛНИ КОСТИМИ

Меѓународна ревија на Македонски и Хрватски народни носии

03.06.2019 16:13

Вљубениците во фолклорната традиција и спектакуларниот колорит на везовите, текстилните материјали и оригинален традиционален накит, на 02.06.2019 година, имаа можност да присуствуваат на несекојдневен музичко-сценски, ревијален настан: „Меѓународна изложба на народни носии“, под покровителство на Министерството за култура, а во организација на Ансамблот „Македонија“ и музејот на „Македонската борба“ во Скопје.

Манифестацијата е потврда на исклучителната соработка помеѓу Ансамблот „Македонија“ и гостите од:  „Посудионица и радионица народних ношња“ од Центарот за Култура Травно, во Загреб - Република Хрватска.

Станува збор за институција којашто 71 година, претставува вистински чувар на традиционалното културно и духовно наследство на Хрватска. Тие колекционираат раритетни предмети, изработуваат веродостојни реплики, но истовремено и реставрираат народни носии коишто потекнуваат од средината и крајот на 19 тиот век, а истите се носеле до средината на 70 тите години од минатиот век.

Од нивната богата збирка којашто брои неколку илјади предмети од фолклорното, материјално културно наследство на хрватскиот народ, на ревијата беа прикажани дел од најубавите народни носии, од различни региони на Хрватска, но исто така и традиционални костими, коишто ги носеле етничките Хрвати во различни региони на Балканскиот полуостров, надвор од нивната матична земја.

„ Многу сме благодарни за честа што ни беше укажана, пред македонската јавност да презентираме  еден дел од нашето традиционално богатство и култура. Соработката со ансамблот „Македонија“ и нивниот уметнички менаџер, професорот Владимир Јаневски и досега беше исклучително успешна , но значењето на овој проект и оваа ревија е многу посуштинско. Во подготвувањето на носиите и моделите на ревијата, ние од почеток повторно се изненадувавме со фактот дека имаме толку многу сличности! Дали тоа е во „бодот“ на иглата при изработката и стилот на везење, дали се работи за употребата на некаков мотив или боја, текстура или украс, сето тоа, сега ни изгледа толку блиско и фасцинантно!“ , изјави Јосип Форјан - директор на институцијата „Посудионица и радионица народних ношњи“од Загреб, Р. Хрватска.

Ансамблот „Македонија“ на оваа ревија, ги представи  раритетните примероци од својата колекција на оригинални традиционални костими, коишто потекнуваат од Дебарско - Реканската етнографска целина и етничките предели: Горна Река, Мијаци - Река и Голо Брдо.

„Народните носии се специфичен белег на националниот идентитет и културно- духовниот развој на еден народ, но истовремено претставуваат и вистински неисцрпен извор на различни информации од социјално-општествен и културолошки аспект, коишто понатаму се предмет на научно истражувачка анализа и дефинирање на колективните, духовни и естетски диспозиции на еден народ, во одреден регион и историски период, неодминливо поврзан со взаемното влијание на културите во соседството. Во тој контекст нашата соработка со тимот на посветени професионалци од институцијата „Посудионица и радионица народних ношња“ од Република Хрватска, започна неколку години претходно на нивна покана, за стручна консултација, стилско и регионално детерминирање на македонските народни носии, коишто оваа институција ги има во своите депоа.Тоа беше и личен и професионален предизвик, којшто потоа резултираше со соработка во повеќе области, работилници, изложби и концерти, помеѓу ансамблот„Македонија“ и оваа исклучително значајна институција од областа на културата во Република Хрватска. Токму затоа се одлучивме, специјални гости на првото издание на „Меѓународната ревија на народни носии“ да бидат нашите пријатели од Хрватска“ истакна проф. д-р Владимир Јаневски, уметнички менаџер на ансамблот „Македонија“.

Членовите на ансамблот „Македонија“  настапија со вокално играорните адаптации: „Грабиле гу, Смиљану девојку“ од регионот Скопска Црна Гора и „Ој дјевојко“ од  регионот Посавина во Р.Хрватска.

На настанот присуствуваа претставници на дипломатскиот кор во земјава, претставници на министерствата за култура и хрватско-македонските друштва, но и бројни вљубеници во фолклорната традиција на двете земји.

Каролина Петковска