Скопје – Софија со воз за 1,5 час!

03.03.2014 18:17

Побрз и поефикасен транспорт до Бугарија, зголемување на протокот на луѓе и на стока, зајакнување на економската соработка. Пругата кон Бугарија ќе отвори нова страница во односите меѓу Македонија и Бугарија. Проектот ветуван 2 децении конечно почна да се реализира...

Скопје – Софија со воз за час и пол. Експресна железница за потесни врски со источниот сосед, со кој досега бевме прилично хендикепирани во комуникацијата. Капиталниот проект, со вкупна вредност од 600 милиони евра почна да се реализира на терен, а МТВ тргна по одговори. 

Се наоѓам на скопската железничка станица. Зад мене е билетарницата. Ако им побарам на вработените билет до Софија, ќе ме погледнат чудно, бидејќи до Бугарија нема пруга. Првиот воз од Скопје до Софија треба да тргне по 2020-та година.

Граѓаните подолг период бараа железничка врска со Бугарија, бидејќи патот по кој сега се стига до оваа земја е во катастрофална состојба.

„Кога би имало воз до Бугарија, јас со него ќе си одам. Зошто да одам со автомобил, кога можам безгрижно со воз да си одам?...Ако го направат тоа, ќе се возиме сите...Ако се направило тоа порано, досега ќе бевме отидени многу напред...Се почна на времето, па запреа. Кажуваа дека наводно снемало пари...“, велат граѓаните.

Со големи очекувања се и стопанствениците. Добрата инфраструктура е клучна за развојот на бизнис - врските, но и на туризмот.

„Главен проблем во односите меѓу двете земји беше лошата инфраструктура. Секој што само ќе помислеше да оди во Софија, кога ќе му текнеше на патот, се откажуваше од намерата. Ние немаме ниту авионска линија со Софија. Овие капитални проекти ќе придонесат за целосно раздвижување меѓу граѓаните и компаниите од двете земји“, вели Зоре Темелковски, претседател на Македонско – бугарската комора.

Сепак, работите на терен ќе бидат комплексни, потребно е време за изведба на градежните зафати.

„Оптимистички можам да кажам дека во 2021-та година може да го очекуваме првиот воз да помине по тој Коридор 8 во Р. Македонија“, изјави Петар Спасовски, помошник – директор во ЈП МЖ-Инфраструктура.

Куманово – Бељаковце е првата делница која почна да се гради со пари од ЕБОР.

Механизацијата на германската компанија Вибе, која ќе работи на првата делница од Коридорот 8 долга 31 километар, од Куманово до Бељаковце, веќе е присутна на терен. Предвидено е градежните работи да завршат во октомври 2016-та.

Втората делница до Крива Паланка треба да почне да се гради кон крајот на 2015-та, а најскапа и најкомплексна ќе биде последната делница до Деве Баир, која ќе чини 360 милиони евра.

 

Мартин Пушевски