Саем за градежништво и недвижности 2014
04.03.2014 08:57
Од денеска па се` до 8 март на Скопскиот саем, ќе се одржува 11. Меѓународен саем на градежништво, градежни материјали и градежна механизација, а во негови рамки и 4. Саем на недвижности и инвестиции - RealExpo

На отворањето ќе се обрати вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Организаторите најавија учество на над 300 компании од Македонија, регионот и пошироко, како и на инвеститори во рамките на RealExpo, и очекуваат 15.000 посетители.
Во рамки на програмските активности, компаниите секој ден ќе одржуваат промоции на производи, а последниот ден Агенцијата за енергетика ќе презентира енергетски пасоши.
На саемот на недвижности, пак, ќе бидат понудени над 3.000 станови во Скопје, Охрид и Струмица од повеќе домашни и од една странска компанија, ќе бидат промовирани нови објекти, како и поволни услови за купување станови преку кредити од комерцијалните банки.
Првпат оваа година ќе биде организирана и наградна игра - „Награда за надоградба“, со која на најсреќните посетители ќе им бидат доделени вредносни ваучери од 700, 500 и 300 евра во денарска противвредност, кои ќе можат да ги искористат за производи од програмата на изложувачите на Саемот на градежништво 2014.
