Ограбена пошта во скопски Бутел
Крадци украле метален сеф со над 120 илјади денари од филијала на Македонски Пошти во Бутел. Филмски ја отвориле влезната врата и откако го зеле пленот, исчезнале. Полицијата ги бара...
Македонски Пошти повторно цел на крадците, овој пат филијалата во скопската населба Бутел. Како на филм, никој ништо не чул и не видел. Откако го зеле пленот, им ја снемало трагата.
Крадците насилно ја отвориле заштитната решетка , а потоа и вратата, по што го однесле сефот.
Во металниот сеф имало 127 илјади денари, откриваат од истрагата. Полициските инспектори и јавен обвинител извршија увид на самото место.
„Денеска во СВР Скопје е пријавено дека на трети спрема четврти на улицата „тале христов непознати сторители извршиле тешка кражба во филијала на македонски пошти . од страна на свр скопје е излезено на самото место и се врши расчистување“, вели портпаролот на СВР Скопје, Лиза Бендевска.
Полицијата трага по сторителите. Инаку, се расветлија двата последни грабежа во Македонски Пошти. На двапати во катлановската филијала, вработената, иако пријавувала грабеж, на крајот призна дека парите самата ги зела. Ја олеснила поштенската каса за околу 730 илјади денари. Брза беше и разврската за грабежот на поштата во Чаир каде што исто така имаше инволвирани вработени кои добија 4-годишни затворски казни. Украдоа 200 илјади евра.
Наташа Гркова-Петрушевска
