Цената на становите нема да паѓа!
Во моментов има благ тренд на опаѓање на цената на становите и под оваа цена не е исплатливо да се оди, велат градежниците...

Градежниците годинава со полни раце работа. Во Буџетот има повеќе пари за капитални инвестиции, почна изградбата на клучните инфраструктурни проекти. Ова ќе донесе зголеменангажман на целокупната градежна оператива.
„Се почна со големи инфраструктурни проекти во патната и во железничката инфраструктура, се градат технолошки зони, се вршат реконструкции на локални и на регионални патишта. Ова ни дава за право да бидеме оптимисти дека градежните компании ќе бидат ангажирани во Р. Македонија“, изјави Сеад Кочан, претседател на Градежната комора при ССК.
Властите очекуваат градежништвото повторно да биде генератор на растот на домашната економија, откако лани овој сектор забележа позитива од над 30 проценти.
„Ова покажува дека градежништвото имаше склучително значајна улога во растот на македонската економија, и тоа не е случајно. Тоа е поттикнато од мерките и активностите на приватниот сектор и на Владата, а кои се во насока на поттикнување на градежната активност и на инвестициите во овој сектор“, изјави Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии на Р. Македонија.
Капиталните проекти ќе повлечат раст и на производството на градежни материјали. Компаниите очекуваат и за 20 насто повеќе работа.
„За годинава очекуваме да имаме подобар резултат од сите изминати години. Секоја година ни оди сè подобро и подобро“, изјави Феми Алии, менаџер во фирма за градежни материјали.
„Енергенсите се голема ставка во производството, но најавениот процес на гасификација ќе и помогне на индустријата на градежни материјали во намалувањето на влезните трошоци“, изјави Велимир Петровски, менаџер во фирма за градежни материјали.
На зголемена продажба се надеваат и компаните кои градат станбени згради. Велат – моменталната цена од квадратен метар е оптимална.
„Многу од влезните материјали, како бетон, цемент, железо и други поскапеа, но цената се задржа. Во моментов има благ тренд на опаѓање на цената и под оваа цена не е исплатливо да се оди“, изјави Ванчо Чифлиганец, сопственик на градежна фирма.
Градежниците своите производи од денеска ги претставуваат на Саемот за градежништво и недвижности. Најавено е присуство на повеќе од 300 компании од земјава и од регионот.
Мартин Пушевски