Македонците во САД можат да се пријават за гласање до петок

05.03.2014 09:18

Иако во Америка има околу 70.000 македонски државјани, одѕивот не се очекува да биде голем поради далечината до македонските дипломатско-конзуларни претставништва. Некои македонски државјани се револтирани што и покрај уредно испратените пријави не добиле известување од ДИК дека можат да гласаат во странство...

Македонските државјани коишто живеат во странство и сакаат да гласаат на престојните избори во Македонија треба да пополнат Барање и Пријава до Државната Изборна Комисија.

„Јас сум роден во Скопје, преселен сум во Америка, во Остин, Тексас на 5-годишна возраст во 2000-та година. Сега живеам тука во Вашингтон и ја имам среќата што можам да гласам за првпат на избори во Република Македонија“, вели Алексеј Демјански- Македонец од Остин, Тексас.

„Гласањето на избори е демократско право, но исто така и демократска обврска не само за луѓето во Република Македонија, туку и во дијаспората. Поради ова решив да дојдам, да се пријавам за гласањето и на денот на изборите да излезам и да го дадам мојот глас“, изјави Жикица Паговски, Македонец од Вашингтон, Дистрикт Колумбија.

Македонците се задоволни што имаат право да гласаат за првпат на претседателски избори и за избор на свои пратеници од дијаспората. Обединетата Македонска Дијаспора апелираше за масовно излегување на гласање.

„Во името на Обединета Македонска Дијаспора, сакам да ги повикам сите македонски граѓани од дијаспората да глсаат на следните избори во Македонија во април. За да тоа го направат ќе мора да се регистрираат до 7-ми март во било кој од дипломатско-конзуларните претставништва или преку интернет страницата на ДИК“, нагласи Мето Колоски, Претседател на Обединета Македонска Дијаспора.

Далечината до најблиските дипломатски и конзуларни претставништва во САД, се уште е проблем, па Македонците од дијаспората апелираат барем на следните избори да можат да гласаат и по електронски пат.

„За заедницата во Лос Анџелес, зборувам во мое лично име, но верувам и во името на другите коишто живеат во Лос Анџелес, бидејќи не постои начин да се гласа по електронска пошта, гласањето за нас е сеуште тешко изводливо зошто најблискиот конзулат е во Чикаго што е на 3.300 километри оддалеченост од Лос Анџелес. Тоа е далечина како од Скопје до Лисабон“, вели Димитар Насев, претставник на Обединета Македонска Дијаспора за Лос Анџелес и Јужна Калифорнија.

Доколку Македонците во странство се пријават до ДИК, треба да добијат е-маил со кои комисијата ги известува гласачите дека се ставени на избирачкиот список за гласање во дијаспората.

Според проценките, во Америка има околу 70.000 македонски државјани со право на глас.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник на МРТ од Вашингтон