Тетовци бараат обнова на спортскиот центар
Искршени спортски реквизити, руинирани терени, раскопани паркови – ваква е сликата сега. Невладиниот сектор даде идеи за негова обнова. Се надеваат дека локалните власти ќе ги реализираат...

Спортскиот центар во Тетово некогаш беше главно збиралиште за спорт, рекреација и прошетка. Искршени спортски реквизити, руинирани терени, раскопани паркови – ваква е сликата сега. Невладиниот сектор даде идеи за негова обнова. Се надеваат дека локалните власти ќе ги реализираат.
Тажно изгледа спортскиот центар во Тетово, вели Јованче Петроски кој секојневно доаѓа овде со внукот.
„Јас колку што паметам овде пред 10 – 15 години се работеше по смени и секогаш се одржуваше. Имаше нишалки, клацкалки... секакви рекввизити. Се беше со зелено, а сега е катастрофа“, Јованче Петроски – Жител на Тетово.
Реквизитите за забава и спортување се одамна искршени, а терените раскопани. Тетовци велат дека нема каде да се рекреираат, а калливиот парковски дел не е ниту за прошетка.
„Од 1971 година живеам во близина на спортскиот центар. Тогаш беше убаво, а сега се е загадено, се е искршено“, вели жител на Тетово.
„Како што останало од некогаш, ништо не е обновено, дури е распарчено“, рече жителка на градот.
Некои сметаат дека виновни за ваквата состојба се самите граѓани. Други пак вината ја гледаат во надлежните. Сепак, на сите им недостига сјајој кој некогаш го имал спортскиот центар.
За негова обнова идеи дадоа спортисти, ученици, преставници на невладиниот сектор на дебатата организирана од Младинскиот образовен форум.
„Сакаме да извлечеме предлог мерки за оживување и за подобрување на спортскиот центар во Тетово. Сите тие мерки ќе ги доставиме до општина Тетово, со надеж за идна соработка и подобрување на состојбата“, изјави Елена Мишеска – НВО „Младински образовен форум“.
Меѓу четирите објекти кои Јавното претпријатие за управување со спортски објекти и ги препушти на тетовската локална самоуправа е и спортскиот центар. Можно е наоѓање инвеститори кои ќе го обноват.
„Ние како општина веднаш ќе објавиме повик за физибилити студија за развој на овие објекти“, рече Теута Арифи, Градоначалник на општина Тетово.
Граѓаните или надлежните – сеедно кој е виновен за оваа глетка, потребно е сите да придонесеме за да се обнови ова некогаш култно место за тетовци.
Зоран Јованоски
