Васил Гарванлиев ќе ја претставува земјава на Евросонг 2020
По извршената анализа на досегашните учества на Евровизија, како и предлозите од затворената дебата, Програмскиот колегиум на МТВ1 одлучи Васил Гарванлиев, со авторски тим составен од етаблирани музички имиња, кои имаат остварено успешни музички проекти, да ја претставува Северна Македонија на Евросонг 2020...

Македонската Радио Телевизија како активна членка на Европската радиодифузна унија и годинава ќе учествува на Изборот за песна на Евровизија, што ќе се одржи во мај во Ротердам, Холандија.
По извршената анализа на досегашните учества на Евровизија, како и предлозите од затворената дебата, Програмскиот колегиум на МТВ1 одлучи Васил Гарванлиев, со авторски тим составен од етаблирани музички имиња, кои имаат остварено успешни музички проекти, да ја претставува Северна Македонија на Евросонг 2020.
„Настапот на Изборот за песна на Евровизија е остварување на сонот за секој музичар. Почестен сум што ќе ја претставувам мојата земја на изборот во Ротердам и се надевам дека со целото мое искуство и знаење ќе созддеме едно магично музичко патување кое ќе ги допре срцата низ Европа“, изјави Васил Гарванлиев.
Од детска поп- ѕвезда во земјава, преку член и солист на Детскиот хор во Чикаго, Васил Гарванлиев има одиграно над 50 оперски улоги на еминентни фестивали низ светот. Едуциран е во едни од најпрестижните музички училишта како Академија Лириција во Милано, Оперското училиште на Универзитетот во Торонто, како и Кралскиот музички конзерваториум „Глен Гулд“ во Торонто.
По неговото враќање во Македонија во 2018-та година, Васил објави три успешни песни „Ѓердан“, „Патувам“ и „Мојата улица“. Васил исто така беше дел од минатогодишниот евровизиски тим на Тамара Тодевска во Тел Авив. Со неговиот соло концерт во родната Струмица го заокружи дводецениското музичко искуство низ светот.
Македонската Радио Телевизија ги поканува авторите да ги достават своите сериозни и креативни музички предлози на нејзина адреса до крајот на јануари 2020-та година.