Предвремени парламентарни избори на 27-ми април
06.03.2014 14:59
Ова ќе бидат трети по ред вонредни парламентарни избори во плурална Македонија. Се очекува утре Државната изборна комисија да го усвои роковникот за спроведување на изборниот процес...

Расчистена и најмалата дилема. Предвремените парламентарни избори ќе се одржат на 27 април, заедно со вториот круг на претседателските. Спикерот Вељаноски го потпиша решението и го достави до Државната изборна комисија.Очекува фер и демократски натпревар,повикувајќи ги власта и опозицијата да се придржуваат до изборните правила што меѓусебно ги усогласија.
„Уште еднаш сакам да ги повикам сите учесници во процесот за избор на претседател на Република Македонија и за избор на пратеници да постапуваат исклучиво во согласност со уставните и законските одредби, да придонесат кон создавање мирна и демократска атмосфера, во која секој граѓанин ќе може достоинствено да го оствари своето право на глас по своето лично убедување“,истакна претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.
Вељаноски е уверен дека ДИК како највисоко изборно тело има капацитет да одговори на предизвикот во однос на поклопување на одредени рокови за претседателските и предвремените избори. Вчера за МТВ вториот човек на ДИК Субхи Јакупи ја отвори можноста кампањата за предвремените парламентарни да старува два дена порано за да се почитува молкот пред гласањето за претседателските на 13 април.
Ова ќе бидат трети по ред вонредни парламентарни избори во плурална Македонија. Се очекува утре Државната изборна комисија да го усвои роковникот за спроведување на изборниот процес.
Утре на полноќ завршува 20-дневниот јавен увид во избирачкиот список за претседателските избори. На политичките партии треба да им биде доставен до 12-ти, а ДИК го заклучува најдоцна до 22 март.
Милчо Велески
