Јавните набавки- генератор на корупција
Јавните набавки натаму се рак-рана за функционалноста на институциите. Цивилниот сектор бара конечно да се поведат кривични постапки во извесни сомнителни случаи. Сивата зона на договорите во четири очи тешка 40 милиони евра...

Јавните набавки се генератор на корупција во земјава. Алармот го вклучија граѓанските организации, а безрезервна поддршка добиваат од Антикорупциската комисија. Претседателката на ова тело, Ивановска е задоволна што анализите сѐ повеќе ги детектираат слабостите како најниската цена, но и склучувањето договори во четири очи. Тврди, критеруимот најниска цена не треба да биде исклучителен туку треба да оди заедно со квалитетот, периодот на гаранција и референтна листа на субјекти кои користеле услуги од соодветниот економски оператор. Во врска со преговорите во четири очи, цивилниот сектор укажува дека иако е намален бројот на овие договори сепак е зголемен износот на склучениот договор, дури до 40 милиони евра, додава Ивановска.
И од „Транспаренси интернејшнл“ посочуваат дека од мониторинг на јавните набавки направен од јули до декември 2019, може да се утврди заеднички именител од кој треба да се бара одговорност за ова, а тоа е Владата која располага со буџетот и ги спроведува јавните набавки, вели шефицата на „Транспаренси“, Тасева. Главната причина е што не се почитува новиот Закон за јавни набавки од аспект на јавноста и довербата во процесот, вели таа. Од друга страна, нема одговорност и санкции.
Бирото за јавни набавки констатирало неправилности во 16% од тендерите, но не повело прекршочна или кривична постапка иако за тоа има законска можност и обврска. Резултат од тоа е недоверба и намалување на бројот на понудите со што се отвара простор за непречено склучување на договори со директни преговори, вели за МТВ Тасева.
Загрижува фактот што продолжува и трендот на намалување на поднесените понуди, што веројатно се должи на директно склучените договори, тврдат антикорупционерите.
Фиљана Кока