Аналитичарите не очекуваат поддршка за бугарскиот меморандум од земјите-членки во ЕУ

17.09.2020 16:39

Документот со кој Бугарија бара поддршка од Европската унија како услов за старт на преговорите со Македонија, треба да се сфати сериозно, оценуваат дел од аналитичарите. Сепак не очекуваат дека ова ќе добие поддршка од земјите членки особено што Софија даде зелено светло за преговорите …

Од Бугарија може да се очекуваат ваквите активности во Европската унија насочени контра Македонија – коментираат познавачите на регионалните прилики. Софија, велат, може да ги искомплицира работите, но сепак преовладува мислењето дека ќе остане изолирана во нејзиното барање меѓусоседските односи со Скопје да се дел од преговарачката рамка.

Тоа што го бара Бугарија од земјите на Унијата е преамбициозно, но тоа го прави поради оттргнување на вниманието од внатрешните проблеми – вели амбасадорот Љупчо Арсовски.

Првиот човек на Институтот за европска политика, Симонида Кацарска смета дека не може да исклучиме оти Бугарија, сепак може да ги заостри односите, но Унијата нема да наседне така лесно бидејќи и властите во Софија дадоа зелено светло за отпочнување на преговорите.

Малку е веројатно, велат соговорниците дека Бугарија би ја поддржале и некои од земјите членки кои се против проширување на Унијата.

Бугарите со меморандумот посочуваат контра Македонија, дека сме вештачка творба, јазикот е изведен од бугарскиот, а за малцинствата не смее да се зборува.

Миле Ристески