Четири прекршочни постапки за службеници кои не постапиле по барања за информации од јавен картактер

28.09.2020 14:21

Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер информираше за значењето на навремената достапност на информации и активностите кои ги презема Агенцијата во насока на обезбедување на поголема транспарентност на институциите и поголема информираност на граѓаните. За побрз и поквалитетен проток на информации, во финална фаза на изработка е новата веб страница.

Поведени четири прекршочни постапки за службеници кои не постапиле по барања за информации од јавен картактер, соопштја од Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер. Велат дека имало шест поведени прекршочни постапки, но две од нив биле повлечени, бидејќи во меѓувреме, институциите ги доставиле бараните податоци. 1.403 институции, според законот, мораат да дадат на увид се што од нив се бара како јавен податок.

По повод Меѓународниот ден на слободен пристап до информации се одржа дебата за влијанието на новите политики и трендови врз (не)транспарентноста на јавните институции. Организаторот, здружението ЕСЕ, направило истражување во кое е утврдено дека најголем дел од институциите биле делумно или целосно нетранспарентни.

Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер подготвува веб портал кој треба да изврши дополнителен притисок врз институциите да бидат потранспарентни. Сите заинетресирани на едно место ќе можат да ги добијат потребните информации, насоки и контакти.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска