„Евротим ГДС“ ги демантира наводите во емисијата „Редакција“ и бара јавно извинување

20.05.2021 12:53

Друштвото ЕВРОТИМ ГДС категорично и целосно ја отфрла содржината на емисијата „Редакција – Заговор против воздухот, Епизода 1, ИРЛ“, емитувана на МРТВ Програма 1, на ден 16.05.2021 година, и остро ги осудува тенденциозните и невистинити обвинувања изнесени во насока на рушење на кредибилитетот на Друштвото. Демантот го пренесуваме во целост...

Друштвото ЕВРОТИМ ГДС категорично и целосно ја отфрла содржината на емисијата „Редакција – Заговор против воздухот, Епизода 1, ИРЛ“, емитувана на МРТВ Програма 1, на ден 16.05.2021 година, и остро ги осудува тенденциозните и невистинити обвинувања изнесени во насока на рушење на кредибилитетот на Друштвото, претставувајќи го како директен виновник за загадениот воздух на територија на Република Северна Македонија.

Во емисијата „Заговор против воздухот“, изнесени се голем број на невистинитости и клеветнички изјави насочени против Друштвото и неговото работење кое се јавува како добавувач на мазут во повеќе државни институции.

ЕВРОТИМ ГДС укажува дека содржината на емисијата содржи невистинити факти и наводи, пласирајќи негативно мислење во јавноста за работењето на Друштвото, кое спротивно на искажаните невистинитости дејствува во согласност со законските прописи и нормативи и согласно издадената Лиценца за вршење енергетска дејност на големо со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт – трговија на големо со мазут (М-1) од страна на Регулаторната Комисија за енергетика на Република Северна Македонија под УП1. Бр. 11-98/17 од 15.12.2017 година, со што врши постојан увоз на нафта, нафтени деривати и мазут, по воспоставени стандарди со висок квалитет.

Непосредно по објавувањето на емисијата „Заговор против воздухот“, согласно процедурите на Друштвото, важечките закони и стандарди отпочната е постапка за испитување на случајот и негово разрешување и поради тоа остануваме отворени за официјална истрага базирана на документите издадени од страна на надлежните органи во Република Северна Македонија.

Во оваа насока, со цел доследно информирање на јавноста ЕВРОТИМ ГДС како општествено одговорно Друштво ги повикува надлежните инспекциски служби во интерес на вистината да ги проверат информациите искажани во емисијата „Заговор против воздухот“, и транспарентно да ги соопштат на јавноста, која е засегната од овој случај.

Друштвото ЕВРОТИМ ГДС бара јавно извинување за објавената и изготвената емисија од страна на МРТВ и Истражувачка Репортерска Лабoраторија под уредништво на Сашка Цветковска и во истиот термин и формат како што е емитуван на првата програма на МРТВ ден недела во термин 20:15 часот, и истиот да биде отстранет од online видео платформата you tube.

Објавата на овој демант ќе се смета за целосна вклучувајќи го и јавното извинување дадено на каналот на МРТВ.

Во спротивно, ќе бидат преземени сите правни механизми вклучувајќи и судска заштита во насока на зачувување на интегритетот на засегнатите страни.