Гази Баба

Голем пожар во Гази Баба- изгоре куќа

24.01.2023 14:19

За само миг, пламените јазици им однесоа сè што создавале. Семејствата Марковски од Скопска Гази Баба останаа без покрив над глава, откако синоќа голем пожар им ги пеплоса куќите. Никола Марковски, кој е татко на шест деца, вели чиста среќа е што нема жртви. Бараат помош да ја надминат ситуацијата во којашто западнаа...

Силен пожар ја пеплоса куќата на семејствата Марковски во Скопска Гази Баба. Никола Марковски, татко на шест деца, вели дека во моментот кога пламените јазици почнале да им го голтаат домот, тој со сопругата бил на работа во локалната пекарница. Но, во куќата бил неговиот брат кој брзо реагирал и ги извадил децата надвор, од кои најмалото е шестмесечно бебе.

Никола Марковски вели дека во пожарот го загубиле и она што малку го имале.

Останале само со облеката што во моментот ја носеле на нив. Но, среќни сè што нема жртви, ниту повредени. Претпоставуваат дека пожарот избувнал од грејно тело кое го зафатило прво плакарот, а потоа и целата куќа.Првиот сосед на Марковски вели дека во моментот на пожарот и тој не бил во неговиот дом, туку само неговата мајка која е во поодминати години и не можела да им помогне на соседите.

Семејството Марковски бара помош од граѓаните – храна, облека, пелени и хигиенски средства. Градоначалникот Стефковски понудил помош, а Општинската комисија ја почна постапката.

 

Александра Спировска