Со Катар за рехабилитација по поразот од Камерун
Фудбалската селекција на Катар е шанса за нашата репрезентација да се опорави по поразот во првиот контролен дуел со Камерун во Куфштајн.

Вечерва од 19 часот избраниците на Бошко Ѓуровски во италијанското гратче Риети ќе го одиграат третиот меѓусебен пријателски дуел со земјат адомаќин на СП 2022 година.
Селекцијата на Катар, 95-то рангирана на ФИФА листата или 15 места пониско од Македонија е убава шанса со триумф да се затворат десетдневните мајски подготовки што се во функција на идниот квалификациски циклус за ЕП 2016-та.
Нашиот предводник со нов експеримент и четири нови стартери ќе бара тактичките замисли да ги спроведат мотивирани и вистински фудбалери кои ќе одговорат на задачите и стратегијата што тој ќе ја бара за да се постигне посакуваниот резултат и ефект.
Дебитантот Ефремов ќе почне на голот, Костовски во нападот а Цуцули и Ѓорѓиевски на бековските позиции. Нова улога во офанзива ќе добие Тричковски. Овие измени во составот и во формацијата треба да бидат коректив по воочените слабости на мечот со Камерун и уште еден чекор кон пронаоѓање на играчи кои треба да бидат база за селекцијата во наредниот квалификациски циклус.
Една победа и еден пораз имаме во досегашните дуели со Катар. Кон крајот на јули 2001 во близината на Париз предводени од Ѓоре Јовановски загубивме со 1-0, додека осум години подоцна под водство на Мирсад Јонуз во Скопје славевме со 2-1 со двата гола на Горан Пандев.
Тоа е единствениот триумф над репрезентација од Арапскиот полуостров во петте досегашни соочувања кои ги вклучуваат и двобоите со Саудиска арабија, Оман и со Бахреин.
