Украина-Русија

Руската и украинската армија спроведоа неколку регрутации

12.11.2023 12:06

Војната во Украина трае веќе 21 месец. Во овој период и руската и украинската армија спроведоа неколку регрутации. Мобилизацијата на новите војници некогаш и не се одвива толку лесно. На границата со Романија и Молдавија, украинските граничари постојано ги проверуваат дозволите за движење во зелениот појас. Руската страна се обидува со плати неколкупати повисоки од просечната, но и со бонуси, да го поттикне пријавувањето на новите регрути.

Не се наѕира крајот на војната во Украина. На армијата и требаат нови војници, затоа е во тек новата регрутација. Таа е задолжителна за украинците од 18 до 60-годишна возраст, но според новинарите на холандските медиуми, сите не посакуваат да се приклучат на борбите. Затоа Киев е исполнет со билборди за да се подигне ентузијазмот за регрутацијата.

„Дали сте во армијата?“, праша новинар на холандски медиум.

„Не сум. во моментов не сум“, одговори Украинец.

„Зошто не сте?“, праша новинар на холандски медиум.

„Не знам. дали мислите дека сите треба да бидат сега таму?“, одговори Украинец.

„Дали сте регрутиран?“, праша новинар на холандски медиум.

„Не“, одговори Украинец.

„Зошто не сте?“, праша новинар на холандски медиум.

„Јас сум самохран родител“, „Мојот татко е хендикепиран. Затоа ми е одложена регрутацијата“, одговори Украинец.

Некои од украинците се обиделе да ја избегнат обврската за одбрана на земјата од руската инвазија. Преку Карпатите, пеш, до Романија или Молдавија. Но, воените граничари на украинската армија ги запираат и ги приведуваат. Постојано се проверуваат документите за дозвола на движење во граничниот појас. Граничарите кои контролираат стотици од зелениот појас, приведоа маж кој се обидел да премине преку шумата.

„Откако беше приведен, зборувавме со него. ни кажа дека пешачел неколку десетици километри. Пешачел три дена. нашата информација е споделена со канцеларијата за регрутација. Потоа тие проверуваат кој навистина нема добиено повик за регрутација“, изјави мајор Константин-украинска армија.

Во руската страна, исто така, се спроведуваат регрутации. Нема информации, колкумина не се одѕвале на повикот. Последната беше пред неколку месеци, се мобилизираа 300 илјади луѓе, се претпоставува, досега околу 400 илјади биле пријавени. Според шпанска телевизија, има и економски аргумент за одѕивот. Војничката плата е 2.350 евра, трипати повеќе од просечната плата. Има и бонуси за офанзивни операции, за напредок во километри на фронтот, за уништување на непријателска опрема. Сепак, ниту Москва, ниту Киев по 21 месец војна немаат излезено со податоци, колку нивни граѓани ја напуштиле татковината за да ја избегнат регрутацијата. Во регионов, најмногу од нив, Руси и Украинци се во Србија и во Црна Гора.

 

Зоран Богатинов