Израел

Продолжуваат и гранатирањата и уличните борби во Појасот Газа

12.11.2023 12:56

Продолжуваат и гранатирањата и уличните борби во Појасот Газа. Нетанјаху не отстапува од намерата да се пресмета со милитантите. Бара ослободување на 240-те заложници.

Силни експлозии на хоризонтот по должината на Појасот, жестоките гранатирања на Газа продолжуваат. Се водат и интензивни улични борби со Хамас. Израел повторно изврши воздушни напади на цели во Сирија. И покрај зачестените повици за прекин на огнот, израелскиот премиер Нетанјаху не отстапува од намерата да се пресмета со милитантите. За него, прекинот на огнот е можен само доколку се ослободат 240-те израелски заложници.

„Што се однесува до разговорите за ден потоа – тој ден ќе се случи само по елиминацијата на Хамас, откако Газа ќе биде демилитаризирана и кога повеќе нема да има закана од појасот за државата Израел. За да се осигураме во тоа, израелските одбранбени сили ќе продолжи да ја контролира безбедноста во Појасот Газа, за да се спречи теророт оттаму“, изјави Бенјамин Нетанјаху – премиер на Израел.

Од Вашингтон побараа појаснување од Нетанјаху, по тврдењата дека по војната против Хамас, Израел ќе ја презеде безбедносната одговорност во Газа на неопределено време. Регионалниот арапско-исламски самит во Ријад, пак, заврши со резолуција со која се бара итен прекин на огнот и хуманитарна помош за цивилите во Газа.

„Има едно решение по прекинот на огнот, по прекинот на бомбардирањата и опасадата на Газа – да се достави помош за жителите и да се формира влада преку гласовите на Палестинците, муслиманите, христијаните и евреите“, изјави Ибрахим Раиси – претседател на Иран.

Хуманитарната катастрофа во енклавата се продлабочува. Болниците работат со ограничени капацитети, без потребните лекови и без гориво. Американски медицински тимови пристигнуваат напомош на лекарите кои секојдневно се борат за животите на илјадниците ранети цивили во Газа. Израелските сили се согласија да бидат евакуирани бебиња од болницата „Ал Шифа“.

„Ова е повик до човечката заедница. Ова треба да престане сега. не можеме да продолжиме со такви воени злосторства. Тоа е нелогично. Нема оправдување да се има директен напад кон болницата“, изјави д-р Мохамад Кандил, директор на болницата за итни случаи.

Според палестински извори, досега се убиени над 11 илјади цивили, од нив две третини се жени и деца. Околу 2 илјади и 700 луѓе се пријавени како исчезнати. Се претпоставува дека се заробени или, пак, се наоѓаат под урнатините. Тел Авив, пак, ја потврди смртта на петмина израелски резервисти, а од почетокот на копнената операција досега, се убиени 46 израелски војници.

 

 

Маја Стојанова