Конзерватори од Франција, фасцинирани од заштитата на трослојното сликарство во Лешочкиот манастир
Конзерватори од Франција во Лешочкиот манастир, фасцинирани од заштитата на трослојното сликарство, кој во Европа е непознат. Тим предводен од Клер Бетелу, професорка на Универзитетот во Сорбона, неделава беа во неколку дневна посета на ова духовно светилиште. Најавија соработка и заеднички проекти.

Професорката Клер Бетелу, вели дека Лешочкиот манастир е чудесно и волшебно место, а начинот на заштитата на трослојното сликарство е фасцинантно, искуство кое со нејзиниот тим ќе го пренесат во Европа.
Таа во Лешочкиот манастир е дојдена преку програмата ТАЕКС, со цел размена на искуства и заедничка соработка со конзерваторите од Македонија.
Во олтарот на манастирската црква пред 5 месеци, беше пронајдена фреска од арихирејот Кирил Александриски, стара и до 8 века. Се работи за најстариот живопис во храмот, покрај тие од 17-ти и 19-ти век.
Ова е ретко културно-духовно богатство, за чија заштита ќе треба повеќегодишна конзервација, но и поголеми средства, велат од Националниот конзерваторски центар. Но, соработката со Универзитетот во Сорбона е од голема важност, но и чекор во заштита на нашите историски споменици.
Министерката за култура Бисера Костадиновска, по информациите за трослојното сликарство, во мај годинава го посети Лешочкиот манастир.
Постојниот закон не дозволува повеќегодишно финансирање на културните објекти, затоа и се работи периодично со одредени застои, изјави тогаш министерката. Најави менување на законот, со цел конзервацијата да добие поголема динамика.
Зоран Димовски
