Детска клиника

Новороденче почина од сепса на Детска клиника

12.11.2023 18:30

Новороденче од Прилеп почина од сепса на Детската клиника. Во Скопје било донесено во многу тешка состојба и префрлено на интензивна нега. По седум дена, ја загубило битката за живот.

Новороденче од Прилеп починало од сепса на Детската клиника. Од Прилеп во Скопје било донесено на 30-ти октомври во многу тешка состојба и веднаш било префрлено на одделот за интензивна терапија. Првично било ставено на неинвазивна вентилација, но, потоа било интубирано и префрлено на механичка вентилација. Му откажале и бубрезите.

Мајката преку социјалните мрежи тврди дека машкото бебе било родено здраво, но според неа, во прилепската болница и било кажано дека фатило жолтица и оти ќе го носат на зрачење. Таа раскажува дека кога стигнале на Детската киника и кажале дека бебето фатило тешка сепса. Таа ги обвини лекарите од Прилепската болница за негрижа и за нехигиена во болницата.

Од болницата велат – Поради анамнестички податок за инфекција кај мајката, била земена крвна слика, која била со уреден наод.

„На 30-ти октомври во 04 часот, поради одбивање на новороденчето да цица и потешкотии со дишењето, од страна на медицинската сестра е повикан дежурен лекар. Земена е крв за анализи, поставена е инфузиска, двојна антибиотска терапија. Повикан е приправен лекар и во консултација со лекар од КДБ Скопје новороденчето во 07 часот наутро е испратено во КДБ Скопје на оддел за ИНТ за понатамошно доиследување и терапија“, објаснуваат од болницата во Прилеп.

Детето починало на седмиот ден од престојот во Детската клиника.

 

Ана Јосифовска Тодоровска