„Косел“ како туристичка дестинација
По вознемирувањето, вулканот косел ги исфрли на површина дамнешните идеи за негово презентирање како туристичка дестинација. Оваа природна реткост, единствена во југоисточна европа најверојатно ќе се најде во планот за кратките тури на странските гости.

Бомбастично оддекна веста за ерупцијата на вулканот во Косел кој ниту оддалеку не изгледаше ниту пак претставуваше опасност. Здружението на хотелиери ХОТАМ експресно ги информираше своите соработници од земјите во регионот дека нема никаква опасност туку напротив тоа може да прерасне во туристичка атракција.
„Би сакал тој вулкан еден ден да стане туристичка атракција во овој дел, затоа што тоа е нешто уникатно што го немаме во околинава и државава и да го искористиме на еден друг начин“, рече заменик преседателот на хотелското здружение ХОТАМ, Крсте Блажески.
Да се има ваква природна реткост, единствена во Југоисточна Европа, треба со поголемо внимание да се навлезе во нејзиното истражување и афирмирање за туристички цели.
„Ова е поствулканска природна реткост која што ја има само овде на делот од југоисточна Европа и нашите заложби години наназад беа да се посвети поголемо внимание не од аспект на некаква опасност туку од аспект на дополнителни истражувања и испитувања посебно од аспект што една ваква природна реткост мораме да ја искористиме како туристичка атракција“, рече Дејан Паноски од Министерството за животна средина.
Денеска медиумите во регионот веќе започнаа со емитување емисии поврзани со вулканот во Косел, но со смирувачки содржини и со информации за неговата туристичка атрактивност.
Јованчо Наумоски
