ИЗРАЕЛ

Болниците во Газа во целосен колапс, нема гориво, вода и струја

13.11.2023 09:48

Продолжи евакуацијата на странци и повредени Палестинци од Појасот Газа. Израелскиот премиер Нетанјаху повтори дека нема да има прекин на огнот, пред да бидат вратени сите заложници и повторно повика на елиминација на Хамас. Откако најголемата болница во Газа остана без гориво, Тел Авив тврди дека и понудил достава на болницата Ал-Шифа, но дека Хамас одбил …

Болниците Шифа и Кудс во Газа се во целосен колапс – без гориво, струја и вода. Израел тврди дека одобриле пратка од 300 литри гориво од Шифа, но истото не може да биде доставено поради притисокот на Хамас, што палестинската паравоена организација го негираше.

„Подготвивме гориво, 300 литри, на 300 метри јужно од болницата. Разговаравме со раководителот на болницата и сè уште чекаме да го подигне горивото. Министерството за здравство на Хамас врши притисок врз болницата да не дојдат да ја земат нафтата. Отворивме и рути од болниците кон југ. Разговараме со директори од болниците и им нудиме помош за преместување на пациентите. Граѓаните од северниот Појас продолжуваат да ги слушаат повиците да се движат кон југ, иако Хамас прави се за тие да останат“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.

Висок функционер на Хамас, на прес-конференција во Бејрут рече дека Самитот во Саудиска Арабија на кој се собраа арапските и исламските влади во саботата е чекор кон вистинската насока.

„Очекувавме нашите арапски и муслимански браќа да ги активираат своите политички и економски напори за да извршат притисок врз Вашингтон веднаш да ја запре агресијата врз цивилите и децата. Секој ден што поминува околу 1.000 невини цивили, деца и жени, се повредени“, изјави Осама Хамдам, претставник на Хамас во Либан.

Во борбите меѓу Израел и Хамас беше погодена и канцеларијата на Обединетите нации. Израел повторно ги нападна позициите на Хезболах во Либан. Премиерот Нетајаху вели дека ќе извојуваат победа.

„Ќе победиме во оваа војна бидејќи немаме друг избор. Нема живот за нас, нема иднина за нас и нашите соседи, ако дозволиме да доминира оската на теророт предводена од Иран, Хезболах, Хамас, Хутите и нивните потчинети. Имаме сојуз за мир од другата страна кој ги вклучува Израел, САД, современите арапски држави и остатокот од цивилизираниот свет“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

По тридневно затишје, преминот Рафах беше повторно отворен. Неколку цивили се ранети на северот на Израел во ракетен напад од Либан. Израелските сили погодија цели во Сирија како одговор на ракетите истрелани на Голанската висорамнина.

 

Маријана Димовска