ИЗРАЕЛ

Сирените за воздушен напад во северен Израел

13.11.2023 12:52

Сирените за воздушен напад се огласија во северен Израел во близина на границата со Либан. Тел Авив тврди дека обезбедиле 300 литри гориво за болницата во Газа. Не запираат борбите меѓу Хамас и израелските сили. Европската унија и Обединетите нации со апел да запре крвопролевањето во Газа и да се овозможат хуманитарни паузи...

Сирените за воздушен напад се огласија во северен Израел, во близина на границата со Либан. Израелските одбранбени сили објавија дека два проектила паднале во ненаселено место, нема материјална штета. На фронтот не запираат битките меѓу израелската армија и Хамас. Израел тврди дека одобриле пратка од 300 литри гориво за болница во Газа, но истото не може да биде доставено поради притисокот на Хамас, што палестинската паравоена организација го негираше.

„Подготвивме гориво, 300 литри, на 300 метри јужно од болницата. Отворивме и рути од болниците кон југ. Разговараме со директори од болниците и им нудиме помош за преместување на пациентите. Граѓаните од северниот појас продолжуваат да ги слушаат повиците да се движат кон југ, иако Хамас прави сè, за тие да останат“, изјави портпарол на Израелската одбрана, Даниел Хагари.

Шефот за надворешна и безбедносна политика на ЕУ ја пренесе заедничката изјава на 27-те земји членки, со која бараат итни хуманитарни паузи во Појасот Газа. Знамињата во седиштето на ООН, во Женева, на половина копје. Од организацијата реагираат за големиот број жртви, меѓу кои и хуманитарни работници.

„Во последните месеци 101 наш колега го загубија животот во Газа. Ова е највисокиот број на загинати хуманитарни работници во историјата на нашата организација за толку кратко време“, изјави Татјана Валоваја, генерален директор на Канцеларијата на Обединетите нации во Женева.

Премиерот Нетанјаху по зголемените меѓународни повици за прекин на огнот, вели дека битката против милитантите на Хамас ќе продолжи. Во интервју за американската телевизија Ен-би-си њуз, рече дека Израел е посветен на заштитата на цивилите и побара ослободување на 239-те заложници, земени во смртоносниот напад на Хамас врз јужен Израел на 7-ми октомври.

„Ќе победиме во оваа војна бидејќи немаме друг избор. Нема живот за нас, нема иднина за нас и нашите соседи, ако дозволиме да доминира оската на теророт предводена од Иран, Хезболах, Хамас, Хутите и нивните потчинети. Имаме сојуз за мир од другата страна кој ги вклучува Израел, САД, современите арапски држави и остатокот од цивилизираниот свет“, изјави израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.

По тридневно затишје, Рафа беше повторно отворен. Повеќе од 800 странски државјани преминале од Газа во Египет. Ова е најголемиот број луѓе кои го поминале преминот во еден ден од почетокот на евакуацијата од Газа.

Маријана Димовска