Спасовски од Белград: Засилена билатерална соработка и заедничко дејствување против илегалната миграција
Тој оцени дека зголемувањето и продлабочувањето на оперативната соработка со Република Србија е наш приоритет, за заеднички да учествуваме во зачувувањето на националната безбедносни и на регионално ниво.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во Белград, учествуваше на 24. Состанок на Комитетот на министри на Конвенцијата за полициска соработка во Југоисточна Европа, при што оствари билатерална средба со српскиот министер Братислав Гашиќ, со кого имаше разговори за јакнење на билатералната соработка и за заедничкото дејствување за илегалната миграција.
„Една од темите беше и илегалната миграција која е генерален проблем за сите држави во регионот. Северна Македонија има извонредни резултати во спречувањето на илегалната миграција, со оглед на фактот што во првите десет месеци имаме намалување за 50 отсто споредбено со истиот период лани, иако е зголемен и бројот на случаи коишто се откриени на шверцувањето на мигранти. Така да Северна Македонија не е атрактивна во моментов, но ние мораме интензивно да работиме. Задоволни сме со Фронтекс, со операцијализацијата на мисијата и со заедничката мисија на заштита на границите“, изјави министерот Спасовски.
Тој оцени дека зголемувањето и продлабочувањето на оперативната соработка со Република Србија е наш приоритет, за заеднички да учествуваме во зачувувањето на националната безбедносни и на регионално ниво.
Спасовски на 24. Состанок на Комитет на министри оцени дека успешната имплементација на Договорот за автоматизирана размена на податоци e доказ за нашата решителност да се вклопиме во безбедносниот систем на Европската Унија.
„Разговаравме за имплеметација на Мини Прум т.е на Договорот за размена на дактилоскопските податоци-размена на ДНК профили, папиларни отисоци и броеви на моторни возила преку електронска верзија за што Северна Македонија презеде низа активности за јакнење на своите капацитети“, нагласи Спасовски.
За ова, додаде Спасовски, на конвенцијата беше оддадено признание за посветеноста во работењето.
Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ
