Лазаров и Дибиров меѓу сите ѕвезди во ЛШ
Капитенот на нашата ракометна селекција Кире Лазаров кој е најдобар стрелец на Барселона оваа сезона во ЛШ...

Додека нашите ракометари коваат стратегија и ги полнат акумулаторите во мирниот Охрид за јунските бараж пресметки со Грција за Мундијалот во Катар идната година, ЕХФ денеска го објави идеалниот состав во ЛШ. Дел од него се и Кире Лазаров и Тимур Дибиров.
Капитенот на нашата ракометна селекција Кире Лазаров кој е најдобар стрелец на Барселона оваа сезона во ЛШ е во Келн каде што викендов ќе брка титула во престижната европска лига.
Тој освои 42 отсто од гласовите на он лајн гласањето на официјалната страница на ЕХФ, а најголем конкурент му бил бомбардерот на металург Ренато Вугринец кој е се уште најдобар стрелец во најсилната европска клупска конкуренција.
Тимур Дибиров од Вардар кој лани беше во идеалниот состав на Мундијалот, со 36 отсто од гласовите ја добил тесно трката со Уве Генсхајмер од Рајн Некар за позицијата најдобро лево крило.
За Ол стар составот покрај Вугринец од нашиот првак Металург номинирани биле и Павел Атман и Дарко Станиќ, но повеќе гласови од нив добиле Микел Хансен и Никлас Ландин.
Од ПСЖ е и најдоброто десно крило Лук Бало а Веспрем дава најмногу ракометари во идеалниот состав. Левиот бек Момир Илиќ и пивотото Ренато Сулиќ, како и најдобриот осми играч и дефанзивец Тимушин Шуч.
Порталот Планет хандбол ги прогласи најдобрите млади ракометари во Европа за сезоната 2013/2014. За најкорисен играч е прогласен вардарецот Алекс Душебаев, додека во иделната седморка е и левото крило на Металург Дејан Манасков.
