Израел

Не запираат борбите меѓу Хамас и израелските сили

13.11.2023 19:04

Сирените за воздушен напад во северен Израел близу до границата со Либан, не запираат борбите меѓу Хамас и израелските сили. Над 800 граѓани за еден ден евакуирани преку преминот Рафах. Нетанјаху вели Хезболах си игра со оган.

Израелските одбранбени сили извршија серија воздушни напади долж границата со Либан, откако милитантната група Хезболах истрела противтенковски проектили кон израелските војници и рани две лица. Премиерот Нетанјаху за време на посетата на баталјонот бедуини, упати предупредување до Хезболах, истакнувајќи оти си играат со оган.

„Команданти, евреи и бедуини, стојат рамо до рамо, храбро се борат штитејќи ја нашата земја. Нашето партнерство е иднината на сите нас против овие дивјаци. Овде нема паузи, нема половични работи, овде одиме до целосна победа“, изјави Беннџамин Нетанјаху – премиер на Израел.

На фронтот не запира битката со Хамас. Израел тврди дека одобриле пратка од 300 литри гориво за болница во Газа, но истото не може да биде доставено поради притисокот на Хамас, што палестинската паравоена организација го негираше.

„Разговараме со директори од болниците и им нудиме помош за преместување на пациентите. Граѓаните од северниот појас продолжуваат да ги слушаат повиците да се движат кон југ, иако Хамас прави се тие да останат“, изјави Даниел Хагари – портпарол на израелската одбрана.

Шефот за надворешна и безбедносна политика на ЕУ ја пренесе заедничката изјава на 27-те земји членки со која бараат итни хуманитарни паузи во Појасот Газа. Ја осуди постапката на Хамас за употребата на луѓето и болниците како жив штит. знамињата во седиштето на ООН во Женева на половина копје. Од организацијата реагираат за големиот број жртви, меѓу кои и хуманитарни работници.

„Во последните месеци 101 наш колега го загуби животот во Газа. Ова е највисокиот број на загинати хуманитарни работници во историјата на нашата организација за толку кратко време“, изјави Татјана Валоваја – генерален директор на канцеларијата на Обединетите нации во Женева.

По тридневно затишје, Рафах беше повторно отворен. Повеќе од 800 странски државјани преминале од Газа во Египет. Ова е најголемиот број луѓе кои го поминале преминот во еден ден од почетокот на евакуацијата од Газа.

 

Бојана Крстевски