Прилепската болница под лупа
Вонреден инспекциски надзор во прилепската болница. Под лупа, медицинската документација за лекувањето на новороденчето. Ќе се анализираат и протоколите на Детската клиника. Министерот Меџити, рече дека случајот ќе се расчисти до крај...

Медицинската документација, протоколите за постапување со родилката и со бебето на двете одделенија во прилепската болница, гинеколошкото и неонатолошкото, се предмет на вонредниот инспекциски надзор на Државниот здравствен и санитарен инспекторат. Ова поради случајот со бебето кое на 27-ми октомври се роди во прилепската болница, беше префрлено на Клиниката за детски болести, каде почина.
Вонреден надзор од Центарот за јавно здравје побара и болничката комисија за интрахоспитални инфекции, иако редовните во септември и октомври во двете одделенија не покажале никаков наод.
Директорката на Детската клиника, пак, Стојка Нацева Фушкиќ ни изјави дека не може да се наведе бактеријата ешерихија коли како причинител за сепсата кај бебето. Иако во дишните патишта е констатирана, но не е потврдена микробиолошки зашто двете хемокултури на крвта биле стерилни.
Мајката на бебето која преку социјалните мрежи го изнесе случајот вели дека таа немала никаква инфекција, а постапката ја покренува преку Обвинителството.
Министерството е категорично – ќе има стручна комисија и ќе нема сомневања за ниту еден случај. Сите ќе се расчистат.
Инспекторатот најавува дека за брзо ќе стигнат резултатите од вонредниот надзор во прилепската болница и на Детската клиника.
Елизабета Митреска
