ЕК: Добро ниво на напредок во ветеринарството
Европската комисија во извештајот оценува дека имаме добро ниво на подготовка во областа на безбедноста на храната, ветеринарната и фитосанитарната политика. Одреден напредок е постигнат особено во борбата против болестите на животните и контролата на здравјето на растенијата. Останува забелешката за спроведување на мерки за оптималната употреба на пестициди...

Комисијата го потврди доброто ниво на усогласеност на националните политики од областа на безбедноста на храната, ветеринарната и фитосанитарната политика.
Во наредната година, треба да се усвојат предлог-законите за безбедност на храната, официјалните контроли и новиот Закон за здравје на животните. Да се зајакнат капацитетите за анализа на податоци како и да се спроведуваат мерки за одржлива употреба на пестициди.
Напредок има во мерките за контрола на болести кај животните. Агенцијата за храна и ветеринарство има програма за надзор за различни заболувања, но собирањето, верификацијата и анализата на податоците остануваат недоволни.
Одреден напредок се бележи и во фитосанитарната политика. Сепак, мерките за умерена употреба на пестициди не се спроведени. Сè уште е потребно да се работи на начинот на собирање веродостојни податоци за нивната употреба и нивното влијание врз здравјето на луѓето на национално ниво. Фитосанитарното инспекциско тело спроведува мерки за искоренување на штетниците идентификувани преку програми за мониторинг и контрола, а законот за генетски модифицирани организми е усогласен со правото на Европската унија.
Методија Трајков
