Собрание

Продолжува седницата на Анкетната комисија за случајот Онкологија

14.11.2023 08:49

Членовите на Комисијата, кои вчера ги отпочнаа предвидените 30 дена за разгледување на документацијата, треба да ја анализираат собраната документација и стенограмите од исказите на 60-тина сведоци кои беа сослушани во претходните 30 дена.

Собраниската Анкетна комисија за случувањата на Клиниката за онкологија денеска треба да продолжи со работа со разгледување на документацијата. Членовите на Комисијата, кои вчера ги отпочнаа предвидените 30 дена за разгледување на документацијата, треба да ја анализираат собраната документација и стенограмите од исказите на 60-тина сведоци кои беа сослушани во претходните 30 дена.

На вчерашната седница на Анкетната комисија на која се разгледуваа стенограми од сведочења во изминатиот еден месец, опозициските пратеници на одговорност го прозваа поранешниот министер за здравство Венко Филипче. Според нив, тој има политичка одговорност за случувањата на Клиниката затоа што не постапил по член 295 став 1 од Законот за здравствена заштита според кој министерот за здравство има обврска за надзор над законитоста на работењето на здравствените установи.

Пратеници од власта и опозицијата вчера полемизираа околу тоа која е нивната задача во овој дополнителен рок во кој ја разгледуваат документацијата, по излагањето на Антонијо Милошоски, кој рече дека „примарната политичка одговорност“ за злоупотреби на Онкологија ја носи поранешниот министер за здравство Венко Филипче.

По расправата за документацијата, Анкетната комисија треба да донесе формални заклучоци.