Галант: Хамас ја загуби контролата врз Газа
Министерот за одбрана Галант вели дека Хамас ја изгубил контролата над Газа и дека милитантите бегаат кон југ. Израелските одбранбени сили пронашле команден центар под детска болница во Газа. Тврдат дека таму се чуваат и израелски заложници. Американскиот претседател Бајден повика да се заштитат болниците во Појасот...

Хамас ја загуби контролата над Појасот Газа, притисокот на израелските сили дава резултат – соопшти израелскиот министер за одбрана.
„Хамас ја загуби контролата врз Газа. Терористите бегаат на југ. Цивилите ги ограбуваат базите на Хамас. Веќе немаат доверба во владата“, изјави Јоав Галант, министер за одбрана на Израел.
Во напуштена детска болница во чијашто близина се водеа жестоки борби, пронајдени се команден и контролен центар на Хамас, складишта на оружје и знаци на израелски заложници.
Даниел Хагари • портпарол на израелските одбранбени сили
„Ова не е последната болница како оваа во Газа. Светот треба да го знае тоа. Тоа е злосторство против човештвото, спротивно на меѓународното право. Кој им дава пари на овие болници и прифаќа да им помага на напорите на Хамас?“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелски одбранбени сили.
Тел Авив повторно обвини дека Хамас ги користат цивилите како жив штит. Од Белата куќа соопштија дека ослободувањето на заложниците останува „главен приоритет“ за САД. Повикаа Израел да ги заштитат болниците.
„Остануваме во активни дискусии со израелската влада за важноста на тактичките хуманитарни паузи за цивилите безбедно да ги напуштат воените области, да го зголемиме протокот на помош и да се овозможи ослободување на заложниците“, изјави Џејк Саливан, советник за национална безбедност во Белата куќа.
Семејствата на заложниците се собраа пред канцелариите на ООН во Ерусалим барајќи од светската организација да обезбеди нивно ослободување. Предадоа писмо упатено до генералниот секретар на ООН Гутереш.
„Ви го упатуваме овој посебен апел-искористите ја својата морална и извршна власт како генерален секретар на ОН“, изјави Гил Дикман, роднина на еден од заложниците.
„Генералниот секретар од 7-ми октомври повикува на ослободување на заложниците. Разговара со различни засегнати страни во регионот, вклучително и Катар во обид да посредува во преговорите за да се постигне ослободувањето“, изјави Паскал Сото, канцеларија на специјалниот координатор на ОН за Блискиот Исток.
Во истовреме, во Израел повторно огласени сирени по ракетен напад од правец на Газа. Нема информации за повредени, но оштетени се згради и возила. Продолжува и вкрстениот оган со Хезболах на либанска територија.
Бојана Крстевски
