Жестоки борби меѓу Израел и Хамас, се водат преговори за ослободување заложници
Жестоки борби меѓу Израел и Хамас. Двете страни се блиску до договор за ослободување 70 заложници, жени и деца. Израел тврди дека милитантите ја загубиле контролата над Појасот. Тел Авив објави видео од болницата Рантиси во Газа, каде што бил пронајден команден центар на Хамас. Сите болници на северот на енклавата се надвор од функција...

Хамас ја загуби контролата над Појасот Газа, притисокот на израелските сили дава резултат – соопшти израелскиот министер за одбрана.
„Хамас ја загуби контролата врз Газа. Терористите бегаат на југ. Цивилите ги ограбуваат базите на Хамас. Веќе немаат доверба во Владата“, изјави Јоав Галант, министер за одбрана на Израел.
Во напуштена детска болница во чијашто близина се водеа жестоки борби, пронајдени се команден и контролен центар на Хамас, складишта на оружје и знаци на израелски заложници.
„Ова не е последната болница како оваа во Газа. Светот треба да го знае тоа. Тоа е злосторство против човештвото, спротивно на меѓународното право. Кој им дава пари на овие болници и прифаќа да им помага на напорите на Хамас?“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелските одбранбени сили.
Тел Авив најави нови хуманитарни паузи и отворање два коридора за безбедна евакуација на Палестинците од Газа.
„Патот е толку трнлив, повеќе од очекуваното. Насекаде е уништено, дури и птиците таму немаат повеќе живот“, изјави Адел Шамалах, Палестинец кој бега од северна Газа.
„Можеме да тврдиме дека југот е побезбеден од северот, иако неодамна видовме бомбардирање и таму. Но, конкретно северот во моментов е непристапен во повеќето делови. Насекаде има тешки борби“, изјави Томазо дела Лонга, портпарол на Црвениот крст и Црвената полумесечина.
Според „Вашингтон пост“, Израел и Хамас се блиску до договор за ослободување на 70 жени и деца во замена за Палестинките и затворените во Израел. И за САД, главен приоритет останува ослободувањето на заложниците. Вашингтон го повика Израел да ги заштити цивилите и болниците.
„Остануваме во активни дискусии со израелската влада за важноста на тактичките хуманитарни паузи за цивилите безбедно да ги напуштат воените области, да го зголемиме протокот на помош и да се овозможи ослободување на заложниците“, изјави Џејк Саливан, советник за национална безбедност во Белата куќа.
Во истовреме, во Израел повторно огласени сирени по ракетен напад од правец на Газа. Продолжува вкрстениот оган со Хезболах на либанска територија.
Бојана Крстевски
