За Палестинците во Западниот брег веќе ништо не е исто
На Западен брег ништо веќе не е исто како претходно, вели Мохамед за МТВ. Станува сè поопасно. Економската и политичката ситуација е лоша и сè е запрено. Навидум по пазарите и маркетите луѓето нормално се движат, но на само 100 метри од нив сè позачестени се амбулантни возила низ улиците...

Тој е студент по компјутерски науки. Неговиот сон како и на секој млад човек да заврши студии и да придонесе за заедницата се урива пред негови очи поради војната. На Западен брег ништо веќе не е исто како претходно, вели Мохамед за МТВ. Станува сè поопасно. Економската и политичката ситуација е лоша и сè е запрено.
„На Западен брег е сега исто како таму. Веќе секој ден има затворани и убивани. Многу е тензично не можеме да се движиме слободно од град во град. Бидејќи е преопасно сите останаа дома, никој не оди на работа ниту на училиште. Се трудиме да останеме што е можно посилни“, вели Мохамед Туриаки.
Навидум по пазарите и маркетите луѓето нормално се движат, но на само 100 метри од нив сè позачестени се амбулантни возила низ улиците. За среќа медицинскиот комплекс во Рамала е функционален и може да даде помош.
„Замислете, недај боже, една од овие згради да биде бомбардирана. Тогаш веќе не можете да му понудите на пациентот ниту наједноставна нега“, изјави Мухамед Сафа, шеф на ноќната смена во Рамала.
Неговите сонародници негодуваат за акцијата на израелската армија. Со нив е и една мајка која не знае ништо за нејзиниот син, освен дека е затворен. Сите се молат војната да запре.
„Ние Палестинците имаме право да живееме како и сите други народи. Знаеме дека секој без разлика на својата етничка, верска припадност има право на добар живот, едноставно има право да живее …“, вели Мохамед.
Со спуштањето на ноќта, сепак една надеж се раѓа-за ново утро во кое ќе го нема татнежот од оружјето.
Фиљана Кока
