Вонредни надзори по смртта на новороденчето
Вонредни инспекциски надзори по смртта на новороденчето. Постапувањето на прилепската болница веќе се чешла, во Детската клиника утре ќе се изврши надзорот…

До крајот на неделава се очекува да бидат готови резултатите од вонредниот инспекциски надзор и тогаш ќе се знае причината за смртта на новороденчето кое беше родено во Прилеп, а со компликации, по една недела лекување, почина на Детската клиника. Инспекторите од ДСЗИ веќе ја проверуваат медицинската документација во прилепската болница, таму најверојатно надзорот ќе биде проширен и надвор од здравствената установа.
Според нашите информации во текот на утрешниот ден вонреден инспекциски надзор ќе се спроведе и на Детската клиника, каде што на 5-ти месецов почина новороденчето.
Нема да дозволиме да има сомнеж во ниту еден случај, сите ќе бидат расчистени – категоричен министерот за здравство Меџити, најавувајќи дека случајот ќе го испитува и стручна комисија од Министерството за здравство.
Првичните информации укажуваат дека бактеријата ешерихија коли ја предизвикала сепсата кај новороденчето. Мајката ги обвини лекарите во прилепската болница за негрижа и за нехигиена во болницата.
Бебето од Прилеп на Детската клиника било донесено во тешка здравствена состојба, со нарушена свест и тешкотии со дишењето. Починало на седмиот ден од престојот во Детската клиника.
Андријана Ѓурческа
