Влада

Продолжува поддршката од ММФ за постигнување одржлив економски развој

14.11.2023 13:45

На средбата заеднички беше констатирано дека ММФ ќе ги поддржи заложбите на Владата за понатамошно намалување на буџетскиот дефицит, борбата против инфлацијата, заштитата на финансиската стабилност...

Досегашната соработка меѓу Македонија и ММФ во фокус на средбата помеѓу премиерот Ковачевски, како и министерот Бесими со делегација од Меѓународниот монетарен фонд предводена од шефот на мисијата на ММФ за Република Северна Македонија, Жак Миниан, новиот шеф на мисијата, Анет Кубе, и алтернативниот извршен директор, Лук Дресе.

Премиерот Ковачевски, како што соопштуваат од Владата, се заблагодари што ММФ ги препознава и поддржува владините економски политики и за континуираната поддршка на земјава, со која оваа меѓународна финансиска институција има значителен придонес во зајакнувањето на политиките и усогласувањето на правните и регулаторни рамки со стандардите на ЕУ, што е клучно во процесот на пристапување на земјава кон европското семејство.

Ковачевски истакна дека главна определба на Владата на среден рок е постигнување одржлив економски развој, фискална консолидација и спроведување на структурните реформи. Тој потенцираше дека само стабилни јавни финансии можат да обезбедат долгорочен раст и развој на земјава, подобрување на животниот стандард на граѓаните, што е клучно државата да се движи напред на патот на евроинтеграциите.

На средбата заеднички беше констатирано дека ММФ ќе ги поддржи заложбите на Владата за понатамошно намалување на буџетскиот дефицит, борбата против инфлацијата, заштитата на финансиската стабилност, подобрувањето на животниот стандард со зголемување на инвестициите, растот на продуктивноста и забрзувањето на зелената транзиција, стои во соопштението.