Француските туристи- предизвик за македонските хотелиери

02.06.2014 09:49

Франција-земјата на добрата храна, квалитетното вино и културни знаменитости се позаинтересирана за македонските туристички места. Ја привкекуваат истите предности за кои велат дека кај нас се со поинаков шмек. Дали ние сме подготвени за префинетите французи?

Македонија ги освои холандските, српските, нордиските и турските туристи. На ред се Французите за кои мораме да подготвиме посебна понуда ако се знае дека земјата е позната по квалитетното вино и здравата храна, она што е и наш адут. Од неодамна француските весници се  преплавени со понуди од туроператорите за одмор во Македонија, која освен посебниот вкус на храната е пребогата со природни убавини, историја и култура од повеќе милениуми. Дали ваквото туристичко мени ќе биде доволно за префинетите Французи?

Она што како французинка го гледам тука е тоа што луѓето се гостопримливи, има убава природа, планини но и самото Охридско езеро во кое би уживале француските гости, исто така природните убавини, културата и културното наследсто кое го нуди Р.Македонија, пред се,  црквите од Византиски стил кој ги имаме во Охрид но и Скопје како град кој има што да покаже, вели Анжелик Лере, аташе во Францускиот институт во Скопје.

Иако во помал обем, македонските хотелиери имаат искуство со француските туристи,со нивните специфични желби и потреби.  Велат, немаме од што да се срамите. Сите предности се на наша страна.

Ним најмногу им се допаѓаат вината т.е. винскиот туризам, културниот туризам со тоа што во толку мал период сакаат да ги видат и посетат сите културни знаменитости, да ги посетат археолошките локалитети, црквите и манастирите, изјави Ана Јанчева Дудановска, хотелски менаџер од Струга.

Доаѓањето на Французите е предизвик и за туристичките агенции. Освен обучени водичи за посета на културните дестинации, ќе понудат нешто што го има и во Франција, само со поинаков шмек.

„Мислам дека најинтересна за нив би била домашната македонска кујна и вино. Можеби би можеле да го промовираме винскиот туризам, природните убавини, самото Охридско езеро како и приготвување на храна во домашен амбиент. И покрај сите наши природни и културни убавини мислам дека французите може да ги привлечиме и со - вкус, вели Елизабета Попоска од туристичка агенција во Струга.

Атрактивната понуда сигурно ќе ги задржи Француските туристи и ќе придонесе да се прошири македонскиот туристички пазар и во другите земји кои засега не пројавиле интерес. Но покрај она што го дала природата,ниската цена на услугите богатата култура,  ни треба и поголема флексибилност кога е во прашање менталитетот.


Јованчо Наумоски