Македонските и бугарските институции во културата ги афирмираат европските вредности
Иразено е задоволството што соработката меѓу двете реномирани институции, македонскиот Археолошки музеј и Националниот археолошки институт со музеј при Бугарската академија на науките од Софија, резултираше со договор за две големи и значајни изложби...

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и бугарскиот министер за култура, Крастју Крастев, денеска на Владата одржаа билатерална средба на која разговараа за досегашните односи во културата меѓу двете земји, како и за можностите за нивно унапредување.
Како што соопштуваат од Министерството за култура, во фокусот на средбата, на која беа присутни и заменици-министрите за култура на двете земји, Даим Лучи и Амелиа Гешева, беше ексклузивната изложба „Сребрена Тракија“, за чие отворање во еднодневна посета на нашата држава е висока државна делегација од Бугарија предводена од претседателот на бугарското собрание, Росен Димитров Жељазков.
Иразено е задоволството што соработката меѓу двете реномирани институции, македонскиот Археолошки музеј и Националниот археолошки институт со музеј при Бугарската академија на науките од Софија, резултираше со договор за две големи и значајни изложби, кои ги промовираат културата и културното наследство како темелна европска вредност. Покрај изложбата „Сребрена Тракија“ во Скопје, во следните години е договорено во Софија да биде претставено и богатото археолошко културно наследство на Северна Македонија.
На средбата беше истакнато дека изложбата „Сребрена Тракија“, која го содржи и уникатното Тракиско сребро, претставува исклучителна можност да се видат ексклузивни наоди од тракиската култура. Поставката беше претставена во повеќе музејски центри во Европа и во светот, но во Скопје изложбата е конципирана како најкомплексна и најобемна презентација на наодите што ја претставуваат тракиската култура и цивилизација.
Костадиновска-Стојчевска и Крастев изразија задоволство од одличниот прием на бугарската јавност на изложбата „105 години Требениште“, која неодамна беше отворена во Софија, стои во соопштението.
