Столтенберг: Досега не видовме вистинска волја од страна на Путин да преговара за прифатливо решение
Министрите за одбрана на земјите членки на ЕУ на средба во Брисел. На маса е поддршката за Украина во пресрет на зимата, кога се очекува интензивирање на руските напади врз критичната инфраструктура на земјата...

Украина сама треба да реши кои се прифатливите услови за мировни проговори. Одговорноста на сојузниците на НАТО е да и овозможат да се брани, порака од генералниот секретар Столтенбер од средбата со министрите за одбрана на земјите-членки на ЕУ.
„Досега не видовме вистинска волја од страна на рускиот претседател Путин да преговара за прифатливо решение за Украина. Веројатноста за постигнување прифатливи преговарачки исход се зголемува со обезбедување на поголема воена поддршка за Украина. Војната е непредвидлива“, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Блокот е обединет во однос на поддршката за Киев во пресрет на зимата, во момент кога се очекуваат интензивни руски напади врз критичната инфраструктура. И покрај тоа што воената помош за Украина е на врвот на агендата, сепак, од Европската унија велат дека најверојатно нема да и испорачаат еден милион парчиња муниција како што беше претходно договорено.
„Помошта досега достигна 27 милијарди евра. До крајот на месецот, мојот тим ќе оди во Украина за да го претстави нашиот предлог за долгорочна поддршка за Украина. Тоа треба да биде одобрено од советот на ЕУ до крајот на годината“, изјави Жозеп Борел, шеф за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
„Многу е важно да се зајакне противвоздушната одбрана и да се заштити инфраструктурата. Ќе продолжиме да ги поддржуваме нашите украински пријатели. Тоа особено се однесува на Германија“, порача германскиот министер за одбрана, Борси Писториус.
Претходно и американскиот државен секретар, Блинкен, вети дека поддршката за Киев ќе продолжи. На фронтот продолжуваат битките.
Маријана Димовска
