Одлука

ЕСЧП: Прекршени правата на Миле Јанакиески

14.11.2023 16:42

Европскиот суд за човекови права лоцираше пропусти со притворот на ексминистерот Јанакиески и бавната жалбена постапка. Сега државата ќе треба да му исплати отштета. За одбрана на Јанакиески, ова е доказ дека му е прекршено правото на слобода. Кривичниот суд има свое образложение.

Aдвокатскиот тим и скопскиот Kривичен суд различно гледаат на пресудата на Eвропскиот суд за човекови права во случајот со Миле Јанакиески во предметите за настаните од 27-ми април и „шпански скали“. Според адвокатите Илиевски и Миланов, судот во Стразбур одлучил дека на ексминистерот за транспорт му се прекршени правата од членот 5 на Европската конвенција – незаконски бил држен во притвор, недостигале доволни причини за неговото лишување од слобода и ненавремено се разгледувале жалбите. Адвокатите бараат одговорност.

Притворот за Јанакиески е оправдан, критикувана е жалбената постапка реагираат од Кривичниот суд.

„Во ниту еден дел не ја оспорува основаноста на определените мерки притвор и куќен притвор во прв степен, напротив, ЕСЧП констатирал дека притворот бил оправдан, но утврдува пропусти во лишувањето од слобода на обвинетиот, како и „брзината“ на жалбената постапка во повисок степен“, стои во реакцијата од Кривичниот суд.

Поради претрпена штета државата на Јанакиески треба да ми исплати 6.100 евра. Ексминистерот за транспорт помина 5 години во притвор по различни предмети. Во моментов издржува затворска казна од 3 години и шест месеци за предметот „Титаник“.

 

Викторија Милевска