Отворена изложбата „Сребрена Тракија“
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во Археолошкиот музеј-Скопје ја отвори ексклузивната изложба „Сребрена Тракија“, која ја оцени како впечатлива археолошка поставка која никого нема да остави рамнодушен.

Денеска министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во Археолошкиот музеј-Скопје ја отвори ексклузивната изложба „Сребрена Тракија“, која ја оцени како впечатлива археолошка поставка која никого нема да остави рамнодушен.
Таа додаде дека ваквите изложби се дел од европските вредности кои претпочитаат реално запознавање и читање на фактите од минатото, како и соочување со фактот дека историјата не се буди по потреба туку се учи за да нè разбуди.
Ова е потврда на суштината на вредностите што како научена лекција во овој век треба да ги споделуваме – да соработуваме, да се почитуваме и да го ползуваме најдоброто од минатото како културна вредност. Ваквите изложби се придобивка за сите. Сиот вложен труд и време во нив се ништо во споредба со големото нешто што останува како траен впечаток, посочи министерката.
Како покровител на изложбата „Сребрена Тракија“, настан поддржан од двете министерства за култура, и од македонското и од бугарското, Костадиновска-Стојчевска изрази задоволство од високото ниво на културна соработка меѓу двете земји. Министерката за култура упати благодарност до НУ Археолошки музеј-Скопје и до Националниот археолошки институт од Софија, кои својата соработка ја крунисаа со две ексклузивни изложби – првата, отворена минатиот месец во Софија, „105 години Тербеништа“ и денеска со изложбата „Сребрена Тракија“ во Скопје.
Свои обраќања на изложбата, имаа и претседателите на македонското и на бугарското Собрание, Талат Џафери и Росен Димитров Жељазков, министерот за култура на Бугарија, Крастју Крастев, како и директорите на двете музејски институции кои се организатори на изложбата, Славица Бабамова и Христо Попов.
Оваа изложба е резултат на врвната професионална соработка меѓу македонскиот Археолошки музеј и Националниот археолошки институт со музеј при Бугарската академија на науките во Софија.
