Бесими: Со конзистентни политики до поволни средства за финансирање на растот
На прес-конференцијата беше истакнато дека фискалната политика што ја води Владата е добра и дека оди во вистинска насока. Растот се очекува да забрза следната година, а инфлацијата да се намали.

Владата на РС Македонија води конзистентни политики на воспоставување тренд на одржливи финансии и здрави основи за раст на среден рок, а таквите политики и даваат можност на земјата и Владата избор на инструменти за финансирање на политиките со поповолни средства, наместо скапи средства на меѓународните финансиски пазари. Тоа беше препознаено од Меѓународниот монетарен фонд минатата година и овозможи пристап на земјата до поволни средства од ПЛЛ програмата.
Ова го истакна министерот за финансии Фатмир Бесими на заедничка прес-конференција со шефот на Мисијата на ММФ Жак Миниан, по завршување на скринингот на економските и монетарните политики во земјата согласно ПЛЛ програмата и редовната мисија на ММФ за член 4.
Според министерот доброто управување со јавните финансии не само што беше препознаено од ММФ, туку таквото управување остава простор и за реализација на многу проекти во здравството, образованието, инфраструктурата.
На прес-конференцијата беше истакнато дека фискалната политика што ја води Владата е добра и дека оди во вистинска насока. Растот се очекува да забрза следната година, а инфлацијата да се намали, стои во соопштението од Финансии.
