Изутрина нови ракетни напади во Газа, израелските одбранбени сили влегоа во болницата Ал Шифа
Продолжуваат ракетните напади во Појасот Газа. Израелските одбранбени сили влегоа во болницата Ал Шифа, тврдат – таму се наоѓа командниот центар на милитантите на Хамас. Повик на меѓународната заедница да се заштитат цивилите...

Експлозија и облаци чад над хоризонтот на Газа и изутрината. Израел изврши бомбардирање во северниот регион.
Окупирани се комплекс згради на Хамас и преземено е управувањето со парламентот во Појасот Газа и другите владини институции контролирани од милитантната група. Израелската војска тврди дека навлегуваат во офанзива на палестинската територија. Отворени се патишта за евакуација на југ.
„Задачата што ни ја додели политичкото раководство е да ја разбиеме организацијата Хамас. За да го разбиеме Хамас, ние мора да дејствуваме во целиот Појас Газа и затоа ќе дејствуваме насекаде од воздух, море и копно“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.
Во Газа не работат 25 од вкупно 35 болници. Тел Авив тврди дека горивото што го доставија сè уште не е подигнато од болницата Шифа во северот на енклавата. Јеменските Хути, поддржани од Иран соопштија дека лансирала серија балистички ракети кон различни израелски цели, вклучително и врз јужниот израелски град Еилат.
„Воените операции на вооружените сили кои се против израелскиот непријател го потврдуваат почетокот на преземањето на сите потребни оперативни процедури за извршување на наредбите издадени за удар на кој било израелски брод во Црвено Море“, изјави бригаден генерал Јахја Сари, воен портпарол на Хутите.
Повиците за прекин на огнот се посилни. Шефовите на одбраната на Здружението на нациите од Југоисточна Азија побараа меѓународна соработка за поставување коридори за хуманитарна помош во Газа.
„Насилството врз цивилното население мора да престане. Спротивно на тоа, напорите за постигнување прекин на огнот мора да продолжат и безбедното поминување на хуманитарната помош мора да биде забрзано“, изјави Прабово Субианто, министер за одбрана на Индонезија.
Во светот масовни протести за поддршка за Израел. Демонстрантите бараат Хамас да ги ослободи заложниците.
Маријана Димовска
