ММФ прогнозира раст од 3% на македонската економија во 2024-та, договорен пристап до 200 милиони евра
Според експертите од ММФ, македонската економија постигна макроекономска стабилност, но сега треба да овозможи поголем раст. Приоритет е забрзувањето на структурните реформи за подобрување на животниот стандард.

Македонската економија и понатаму продолжува да заздравува од европската енергетска криза од минатата година. ММФ проектира дека економијата оваа година ќе порасне за 2,3 проценти, а потоа за 3 проценти следната година, се наведува во изјавата од Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) по посетата на Скопје од 31 октомври до 13 ноември годинава.
Според експертите од ММФ, македонската економија постигна макроекономска стабилност, но сега треба да овозможи поголем раст. Приоритет е забрзувањето на структурните реформи за подобрување на животниот стандард.
ММФ и властите постигнале договор на ниво на тим во врска со првиот преглед кој се прави во рамките на линијата за претпазливост и ликвидност на ММФ, што е предмет на одобрување од страна на Извршниот одбор на ММФ.
Откако ќе биде одобрен, земјава ќе има пристап до околу 200 милиони евра. Властите имаат намера да повлечат околу три четвртини, а остатокот да го третираат како средство за претпазливост.
Според ММФ, домашната побарувачка се очекува да се зголеми во текот на следната година, поддржана од засилувањето на јавните инвестиции. За да се поддржи фискалната консолидација, како што укажува, клучно ќе биде тековните трошења да останат задржани во соодветна рамка, да се направи дополнително намалување на енергетските субвенции. Од клучна важност е да се продолжи со спроведувањето на реформите во даночната политика во насока на понатамошно намалување на ослободувањата и проширувањето на даночната основа.
Освен намалувањето на дефицитот, потребни се исто така и неколку структурни фискални реформи. ММФ констатира дека инфлацијата се намалува благодарение на затегнување на монетарната политика и на нормализирањето на цените на храната и енергенсите на глобално ниво; последните владини мерки исто така овозможија одредено олеснување. Сепак, предупредува дека и понатаму се актуелните нагорни ризици од инфлацијата, при што централната банка треба да биде подготвена на дополнително затегнување доколку се остварат овие ризици.
Високиот номинален раст на платите од околу 15 проценти, според ММФ, доколку продолжи, создава ризик за повторно забрзување на инфлацијата.
