Спасовски: Системот овозможува околу 1.000 граѓани во еден ден да ја поминат процедурата
Системот е тестиран и овозможува по околу 1.000 лица за период од еден работен ден да ја поминат процедурата. Работното време на пункот е од 08.00 до 18.00 часот, со можност за продолжување до 20.00 часот.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со раководството на МВР го посети новоотворениот пункт на МВР за промена на лични документи, лоциран во салата на сообраќајна полиција во рамки на Полициската станица „Пролет“ во Кисела Вода.
„Од денеска и официјално го отпочнуваме процесот на фотографирање за лични документи на граѓаните од Скопје, без претходно закажување на редовната постапка, со цел во определениот законски рок, до 12 февруари 2024 година, граѓаните да ја направат промената на личните документи со Република Северна Македонија, задолжителна обврска која што произлезе од Преспанскиот договор потпишан со Грција“, рече министерот Спасовски.
Системот е тестиран и овозможува по околу 1.000 лица за период од еден работен ден да ја поминат процедурата. Работното време на пункот е од 08.00 до 18.00 часот, со можност за продолжување до 20.00 часот.
Спасовски информираше дека на 13 и 14 ноември пред официјалното пуштање во употреба на новиот пункт за прием на барања без закажан термин беа примени околу 1.000 барања и граѓаните беа задоволни од понудените промени без закажан термин.
До овој момент на ниво на држава заменети се 1.050.000 патни исправи, 900.000 лични карти и 480.000 возачки дозволи, така што со една силна динамика го продолжуваме процесот во интерес на граѓаните навремено да ги остварат своите права и обврски.
