ИЗРАЕЛ - ХАМАС

Израелската армија тврди дека ја пробила одбраната на Хамас во градот Газа

15.11.2023 13:00

Израелската армија соопшти дека спроведува прецизна операција против Хамас, во и околу најголемата болница во Газа „Ал Шифа“. Во акцијата се вклучени специјални тимови за да се заштитат цивилите. Јеменските Хути потврдија дека нападнале израелски цели. Повиците за прекин на огнот сè посилни…

Израелската армија тврди дека ја пробила одбраната на Хамас во градот Газа и влегла во болничкиот комплекс „Ал Шифа“. Во копнената операција се ангажирани медицински тимови и преведувачи на арапски јазик, специјално обучени за сложени операции за да не им се нанесе никаква штета на цивилите кои Хамас ги користи како штит. Според Тел Авив, милитантната група има команден центар во тунелите под болницата и оттаму изведува воени операции.

„Силите на Израелската одбрана спроведуваат прецизна и насочена операција против Хамас во одредена област во болницата Ал Шифа. Се спроведува копнена операција во Газа за да го поразиме Хамас и да ги спасиме заложниците. Израел е во војна со Хамас, а не со цивилите во Газа“, изјави Даниел Хагари, портпарол на Израелската одбрана.

Јеменските Хути, поддржани од Иран соопштија дека лансирала серија балистички ракети кон различни израелски цели, вклучително и врз јужниот израелски град Еилат.

„Воените операции на оружените сили кои се против израелскиот непријател го потврдуваат почетокот на преземањето на сите потребни оперативни процедури за извршување на наредбите издадени за удар на кој било израелски брод во Црвено Море“, изјави бригаден генерал Јахја Сари, воен портпарол на Хутите.

Повиците за прекин на огнот се посилни. Шефовите на одбраната на Здружението на нациите од Југоисточна Азија побараа меѓународна соработка за поставување коридори за хуманитарна помош во Газа.

„Насилството врз цивилното население мора да престане. Спротивно на тоа, напорите за постигнување прекин на огнот мора да продолжат и безбедното поминување на хуманитарната помош мора да биде забрзано“, изјави Прабово Субианто, министер за одбрана на Индонезија.

Во светот масовни протести за поддршка за Израел. Демонстрантите бараат Хамас да ги ослободи заложниците.

Маријана Димовска