Средба Бајден-Џјипинг

САД и Кина работат на обновување на врските

15.11.2023 14:39

На четиричасовниот состанок во рамките на Самитот на АПЕК се очекува договор за обновување на разговорите меѓу двете земји. Вашингтон не сака да се дистанцира од Кина, туку напротив, да ги унапреди односите-изјави американскиот претседател Бајден пред пристигнувањето во Сан Франциско...

Светот во исчекување на историската средба меѓу претседателите на САД и Кина. На четиричасовниот состанок во рамките на Самитот на АПЕК се очекува договор за обновување на разговорите меѓу двете земји. Вашингтон не сака да се дистанцира од Кина, туку напротив, да ги унапреди односите-изјави американскиот претседател Бајден пред пристигнувањето во Сан Франциско.

„Сакаме да се вратиме на нормалниот тек на комуникација, да можеме да го кренеме телефонот и да разговараме еден со друг во време на кризи. Ние не се обидуваме да се одвоиме од Кина, туку да го унапредиме нашиот однос. Но, нема да поддржиме позиции каде што, ако сакаме да инвестираме во Кина, ќе биде потребно откривање на нашите трговски тајни“, изјави американскиот претседател Џо Бајден.

Пред средбата и кинеското МНР го нагласи заемното почитување во развојот на односите со САД.

„Зборувајќи за кинеско-американските односи, клучот за стабилизирање и подобрување на нашите врски е да вложиме заеднички напори, од кои основната работа е меѓусебното почитување. Се надеваме дека САД можат да направат заеднички напори со Кина и да ги вратат односите на патеката на стабилен и здрав развој“, изјави Мао Нинг, портпарол на министерство за надворешни работи на Кина.

Локалните жители и кинеската заедница во Сан Франциско го поздравија пристигнувањето на кинескиот претседател Џјипинг, задоволни што САД и Кина работат на обновување на врските.

„Се надеваме дека групите од Кина ќе ја поттикнат нашата економија, и обратно, нашите групи ќе можат да одат во Кина. Комуникацијата меѓу двете страни е многу важна“, изјави Шао Кикијан, претседател на Здружение на трговци „Чајнатаун“ во Сан Франциско.

„Како сопственик на продавница во Сан Франциско, верувам дека средбата ќе даде одредени резултати во економијата и ќе им користат на луѓето од двете земји. Се радувам на поволните трговски политики. Се надевам дека ќе има повеќе меѓусебни летови меѓу двете земји за луѓето да можат да ги истражуваат деловните можности и да патуваат“, вели Чен Жанминг, сопственик на продавница во Сан Франциско.

Долго комплицираните американско-кинески односи дополнително беа разгорени и под силен притисок во изминатата година, по новите американски извозни контроли на напредна технологија, соборувањето на кинескиот шпионски балон, но и по прашањето за Тајван. Ова е прва посета на Џјипинг на САД од 2017-та година кога републиканскиот претседател Трамп беше во Белата куќа.

Бојана Крстевски