Скопје

МВР отвори времен пункт за промена на личните документи

15.11.2023 16:42

Долга редица луѓе чекаат за фотографирање пред пунктот за промена на лични документи без закажување што почна да работи денеска во просториите на полициската станица „Пролет“ во општината Кисела Вода...

Отворен времениот пункт за промена на личните документи, без закажување термин, по принципот, прв дојден прв услужен. Сместен е во спортската сала на сообраќајната полициска станица „Пролет“. Засега има инсталирано 10 станици каде што ќе можат граѓаните да се сликаат. Се чека во редица за да ги обноват документите до законската обврска 12 февруари, наредната година. Некои од нив немале закажано термин, а други пак имале, но подоцна од предвидениот рок.

Министерот Спасовски информира дека пунктот работи од 8.00 до 18.00 часот, а доколку се јави потреба и до 20.00 часот. Според проценките за тој период можат да бидат опслужени илјада лица. Министерот уверува дека системот за изработка на личните документи функционирал без проблеми, а документите ќе бидат издадени во законскиот рок.

Спасовски апелираше, граѓаните да имаат трпение и разбирање кон службениците и да го почитуваат редот и дисциплината во објектот.

До овој момент на ниво на држава заменети се 1.050.000 патни исправи, 900.000 лични карти и 480.000 возачки дозволи.

 

Наташа Гркова-Петрушевска