Детска киника

Обвинителството оформи предмет за смртта на новороденчето од Прилеп

15.11.2023 16:16

Обвинителството оформи предмет за смртта на новороденчето кое почина на Детската клиника во Скопје, а претходно беше хоспитализирано во прилепската болница. Државниот здравствен и санитарен инспекторат најави дека причината ќе се знае до крајот на оваа недела.

Основното јавно обвинителство отвори предмет за случајот со новороденчето кое беше родено во Прилеп, а со компликации, по една недела лекување, почина од сепса на Детската клиника. Според јавниот обвинител во Прилеп предметот е отворен по пријава на родителите, а обвинителството ја бара целата медицинска документација за случајот од болницата и од клиниката.

До крајот на неделава се очекува да бидат готови резултатите од вонредниот инспекциски надзор што се спроведе во здравствените установи во Прилеп и во Скопје каде што новороденчето беше лекувано.

Случајот ќе го испитува и стручна комисија од Министерството за здравство.

Првичните информации укажуваат дека бактеријата ешерихија коли ја предизвикала сепсата кај новороденчето. Мајката ги обвини лекарите во прилепската болница за негрижа и за нехигиена во болницата.

Бебето од Прилеп во Скопје било донесено во тешка здравствена состојба, со нарушена свест и потешкотии со дишењето. Починало на седмиот ден од престојот во Детската клиника.

 

Андријана Ѓурческа