Сообраќај

Оштетен е железничкиот мост на реката Црна, сообраќајот во прекин

15.11.2023 16:47

Товарниот железнички сообраќај од Велес до Гевгелија е во прекин поради напукнат столб на мостот над река Црна а патничкиот се одвива со комбиниран превоз воз-автобус.

Железничкиот мост на реката Црна, кај локалитет Стоби е оштетен поради напукнување на еден од двата столба. Поради тоа железничкиот сообраќај е во прекин. Товарните возови од Солун сообраќаат до Криволак, додека патничките возат со премостување. Патниците од Градско до Криволак, се префрлаат со автобус а потоа патувањето го продолжуваат со воз. Од ЈП Македонски железници информираа дека се врши процена на оштетувањето.

„На терен се излезени екипи на ЈП Македонски железници Инфраструктура, професори од градежен факултет, експерти и стручни лица од областа и истите вршат увид на моменталната ситуација по што ќе се одлучи како најсоодветно и најбрзо да се постапи, за да се воспостави непречено функционирање на железничкиот сообраќај“.

Прекинот на товарниот железнички сообраќај ќе биде сериозен финансиски удар за железницата. Стоката од Солунското пристаниште за средна Европа ќе користи алтернативен железнички превоз преку Бугарија. Тешкотии ќе имаат и македонските извозно и увозно ориентирани фирми.

Грубата пресметка од прекинот на сообраќајот пред пет години, беше дека загубата на двете компании МЖ Инфраструктура и МЖ Транспорт е околу 1,2 милиони евра.

 

Петар Печков