Свет

САД и Кина ќе ги надминуваат разликите

16.11.2023 09:37

Во Сан Франциско се одржа историската средба меѓу американскиот и кинескиот претседател. По средбата Бајден оптимист, вели оти е постигнат значителен напредок во билатералните односи. Шји рече дека двете земји се многу важни за светот, па вртењето грб еден на друг не е опција…

Кина и САД решени да ги надминат разликите. Американскиот претседател Џо Бајден и кинескиот лидер Шји Џјинпинг се согласија да ја обноват комуникацијата меѓу војската, да соработуваат на политиките за борба со дрогата, климатските промени и горливото прашање Тајван. Двајцата претседатели планираат да ги обноват воените контакти кои Кина ги прекина во август 2022 година кога тогашната претседателка на Претставничкиот дом Ненси Пелоси го посети Тајван.

„Ја истакнав важноста на мирот и стабилноста на Тајванската Теснина. Јасно е дека ние се спротивставуваме на Пекинг. Непазарните економски практики и недостатоци на Пекинг ги ставаат во неповолна положба американските бизниси и работници“, изјави американскиот претседател Џо Бајден.

„Се враќаме на директна и отворена комуникација“, рече Бајден, додавајќи дека тоа важи и за комуникацијата меѓу двете претседателски канцеларии.

Кина никогаш не се обложува против САД, никогаш не се меша во нејзините внатрешни работи, истакна кинескиот претседател. За две големи земји не е опција да си вртат грб еден на друг.

„Кина нема намера да ги предизвикува или замени САД. Наместо тоа, ни е мило што гледаме самоуверени, отворени и просперитетни САД. Исто така, Вашингтон не треба да се обложува против Пекинг или да се мешаат во внатрешните работи на Кина. Наместо тоа, треба да ја поздрави мирната, стабилна и просперитетна Кина“, изјави кинескиот претседател Шји Џјинпинг.

Историската средба на кинескиот претседател Шји Џјинпинг и американскиот претседател Џо Бајден на маргините на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка во Сан Франциско траеше речиси четири часа. По средбата реакција од Токио. Ги поздравија напорите за стабилни односи меѓу Вашингтон и Пекинг.

„Одбиваме да даваме коментари како трета страна за состанокот, но можеме да кажеме дека стабилните односи меѓу САД и Кина се исклучително важни за меѓународното општество“, рече Хироказу Мацуно, јапонски главен секретар на кабинетот на претседателот.

Ова е прва посета на Шји на САД од 2017-та година, кога Доналд Трамп беше челник на Белата куќа.

Маријана Димовска